Зарем не можат да издржат 100 дена во техничката влада без кавги?

По изборот во парламентот, и по еуфоричното слевање во ДУИ дека нивниот кадар Талат Џафери стана премиер, време е да се почне со работа. Техничката Влада всушност за тоа и е избрана.

За на пладне е закажана и првата седница. Јавноста очекува што ќе се види на седницата, кои ќе бидат нејзините први одлуки, дали ќе има соработка помеѓу преставниците на мнозинството со оние предложени од опозицијата.

Би требало да смогнат сили сите во Владата и се да оди по нормален пат. Тоа е потребно на Македонија.

Но, ова е трета по ред тн. „пржинска влада“, а искуствата од претходните две покажуваат дека нема да биде изненадување доколку се повторат одредени конфликтни ситуации. 

Техничкиот премиер Талат Џафери веќе соопшти дека главата задача на неговата Влада ќе биде организирање на фер и демократски претстојни претседателски и парламентарни избори. Но, во владината програма наведе дека ќе продолжи и со спроведување на досегашните политики на владата на Димитар Ковачевски во речиси сите области. Дали ова може да биде извор на конфронтации со двајца нови министри од редовите на опозицијата која имаше бројни забелешки за владините политики? Ова треба да е преодна или и понатаму политичка влада?

Новиот технички министер за внатрешни работи веќе најави промени во однос на издавањето на новите лични документи за граѓаните. Тие промени можат да бидат сосема поинакви од оној концепт кој го применуваше досегашниот прв човек на МВР. Ќе биде ли миниран за да не се истакне?

Вакви се дилемите во јавноста. Но и вакви се очекувањата и апелите до Владата – работете совесно и здруќено за да ја подобрите ситуацијата и да ги спроведете изборите како што треба.

Од редовите на опозицијата најавуваат дека ќе одат на владини седници зависно од приоритетите. Зошто, да не одат на сите седници?

Новосоставениот владин кабинет не смее да функционира по принципот „рогови во вреќа“. Ајде нека истераат сега како што треба, зарем не можат да се воздржат 100 дена без кавги, а по изборите и време е „пржинската влада“ да се укине како институција?       

Претходна вестТурчинка се развела од сопругот поради лоша хигиена, ќе земе отштета од над 16 илјади долари
Следна вестЛевица: Дехари живее во стан кој не го пријавил, изграден од компанија донатор на ДУИ