Герасимовски најави обнова на околината на Зеленото пазарче, да инсистира и на негова реконструкција

Ново зеленило и реконструкција на плочникот кај Зеленото пазарче најави денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Тој рече дека општината изработува проект за разубавување со нови зелени површини на места каде сеуште повремено стојат дивите препродавачи и заменување на искршените плочки на дотраениот плочник.

-Во моментов едната површина е ископана и се спремаме да ја зазелениме. Како општина направивме и проект за урбанизирање на цел овој појас во делот на зеленилото, а набрзо ќе се реконструира и еден плочник кој со години не е обновен. Се прави цел проект за разубавување на целиот појас почнувајќи од Зелениот пазар завршувајќи до кулите што се во соседната близина, изјави Герасимовски во утринското гостивање на МРТВ.

Со вакви промени, сигурно, дека околината на еден од најпосетените скопски пазари ќе добие подобар изглед. Но, би било добро градоначалникот Герасимовски да се заложи и за реконструкција на самото Зелено пазарче, кое е во раце на приватните сопственици. Ако приватниците се бавни во реакцијата барем тој кај нив да инсистира на реконструкцијата на тезгите и на подобрувањето на вкупните услови.

Тие, веќе со години, се на најниско ниво. Тезгите, за кои продавачите плаќаат скапи кирии, се запуштени, валкани, неисфарбани, без пошироки покриви кои овозможуваат заштита од сонце, дожд и снег, со слаба инсталација, пропадната подна површина, нехигиена… Закупците одамна се жалат на лошите услови, но сопствениците на фирмата „Скопски пазар“ се уште не се решаваат да пристапат на обновата на самото пазарче од кое добиваат завидни приходи од закупците на тезгите.

 

 

Претходна вестВо знак на одмазда, Американците извршија повеќе воздушни напади во Сирија
Следна вестМакрон го криеше часовникот од 80 илјади евра додека зборуваше за злоупотреба на социјална помош