Германец и Албанка осомничени за трговија со дрога на Деве Баир

Германски државјанин на возраст од 49 години и 20-годишна државјанка на Република Албанија се осомничени осомничени за трговија со дрога на Деве Баир. За нив Обвинителството побара притвор.

– Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка, бидејќи на 18 јуни на граничниот премин „Деве Баир“ на излез од државава, двајцата осомничени неовластено заради продажба пpенесувале наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 56 килограми и 791 грама. Дрогата ја набавиле од неидентификувано лице од Република Албанија, ја препакувале во 67 полиетиленски пакувања и ги сокриле во специјално изработени „бункери“ во автомобил „Сеат алтеа“ со германски регистарски ознаки.

При царинска контрола на возилото на граничниот премин, марихуаната била пронајдена во просторите под возачкото седиште, над ауспухот, под задното седиште, од левата страна до резервоарот и во пределот на багажникот, информираат од Обвинителството.

До судијата на претходна постапка од Основен суд Куманово јавниот обвинител поднесе Предлог за определување мерка притвор против двајцата осомничени, бидејќи постои опасност да се дадат во бегство или да го повторат делото.​

Претходна вестДве лица влегле во куќа во Струмица и го истепале и ограбиле домаќинот
Следна вестЗа борба против комарците Загреб ќе увезе 100.000 стерилни комарци