Германските власти во вторникот депортирале 36 лица во Србија и Македонија, главно лица чие барање за политички азил е одбиено, а меѓу нив има и осудени криминалци.
Првиот чартер како дел од најновата офанзива за депортирање на германската влада започнал пред две недели за Авганистан. Вториот во вторник (17 септември) од Хамбург до Белград и Скопје.
-Според весникот „Билд“, во него имало 36 лица, главно државјани на Србија и Косово, на кои им било ускратено правото на азил или поради некоја друга причина немаат право да останат во Германија, пренесува Дојче веле на хрватски јазик.
Чартер-летот на полската компанија „Ентер ер“ бил изнајмен од најсеверната германска сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, па се претпоставува дека тие се депортирани и регистрирани во оваа покраина.
-За разлика од летот за Кабул на крајот од август, овој лет за Белград и Скопје не се смета за некаква сензација, пишува „Дојче веле“.
Иако организациите за човекови права укажуваат на лошата состојба во Авганистан и се противат на депортациите таму, протерувањата во Западен Балкан се сметаат за рутина. Во првиот квартал од оваа година, германските власти веќе протерале 795 лица во Србија и Косово. Западнобалканските земји, вклучувајќи ги Србија и Косово, од 2014 година се сметаат за „безбедни земји“, што овозможува депортација по скратена процедура.