Државата лидер во ЕУ веќе неколку месеци има големи внатрешни проблеми. Сега најново е дека – комбинација од штрајкови на машиновозачите, персоналот за безбедност на аеродромот и персоналот на „Луфтханза“ го парализираа железничкиот и воздушниот сообраќај во Германија.
Штрајкот на машиновозачите на германските железници „Дојче бан“ (ДБ) (Deutsche Bahn DB) во патничкиот сообраќај почна во два часот по полноќ и треба да трае до петок до 13 часот. Товарните возови не сообраќаат од 18 часот во средата. Прекинот на работа не ги погодува само патниците во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај, туку и оние што одат на работа, со оглед на тоа што штрајкот на железничарите ги опфаќа и градските и приградските возови.
Според потребниот возен ред, во моментот сообраќаат околу 20 отсто од возовите на меѓуградските линии.
Ова е петти штрајк во актуелната рунда преговори меѓу синдикатите ГДЛ и ДБ за колективните договори што почнаа во ноември минатата година. Преговорите пропаднаа минатиот викенд поради спорот за пократка работна недела за машиновозачите.
Поради штрајкот на железничарите, зголемен метеж има и на патиштата низ Германија. Во западниот дел од земјата, околу околу Келн и областа Рур, евидентирани се неколку застои во сообраќајот со колони одолги неколку километри.
Инаку, аеродромот во Франкфурт е најтешко погоден од штрајкот, кој ги затворил вратите за патниците и има минимум транзитни летови. Според информациите на Здружението на германските аеродроми, околу 250 000 патници биле погодени од штрајкот.
Разни штрајкови и блокади во земјата која е синоним на ред и богатство се случуваа и во минатиов период.