Пендаровски начелно ја прифаќа идејата за лекување на украинските војници во Македонија

Идејата ранетите украински војници да се лекуваат и во Македонија начелно е прифатлива за македонскиот претседател Стево Пендаровски. Ова е одговорот кој државната агенција МИА го доби од Кабинетот на шефот на државата на прашањето дали има пристигнато официјално барање и дали ова прашање е разговарано на седница на Советот за национална безбедност.

Идејата балканските држави, вклучително и Северна Македонија, да помогнат во рехабилитацијата на деца и војници од воените зони во Украина, како што објави на Х претседателот на Украина Володомир Зеленски, била дискутирана на средби со претседателите на Северна Македонија и на Црна Гора, Стево Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.

-Идејата за отворање на центри за рехабилитација на ранети и повредени украински војници во земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, начелно е прифатлива за нас, но потребно е конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе земат учество во програмата, изјавија од претседателскиот Кабинет.

Од Кабинетот на претседателот, информираат дека станува збор за првичен предлог од страна на премиерот на Хрватска и претседателот на Црна Гора, со оглед на тоа дека тие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 1990-те.

Предлогот на Зеленски уследи откако Хрватска во 2023 година, со одлука на владата прими ранети Украинци и ги згрижи во своите здравствени установи.

Претходна вестГерманија во проблеми: Штрајкови го парализираат сообраќајот, возовите застанаа, авиони не летаат…
Следна вестЗаврши сезоната за Елмас во ЛШ, изгуби од поранешниот тренер