Постоењето на македонското малцинство во Бугарија е факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур, соопшти денеска Кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во изјавата дадена за државната аганција МИА на прашањето за коментар на Пендаровски за вчерашното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи се додава и тоа дека е потребна конструктивност во односите.
За поптсетување, бугарското МНР вчера го повикало вонредниот и ополномоштен амбасадор на Македонија во Софија поради, како што беше наведено, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“.
Од Кабинетот на Пендаровски одговорија за МИА дека ставот на претседателот и претходно и сега е дека „потребна е конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија, каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка“.
Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој е признат и од Стразбур.
-Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур, се наведува во одговорот.
Во соопштението на бугарското МНР не е прецизирано на кои политичари и за кои тврдења се однесува реакцијата, но се нагласува дека Софија „категорично се противи на обидот Бугарија и билатерални односи да се вклучуваат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања“. Соопштението доаѓа по барањето на бугарската партија ВМРО бугарското МНР итно да го повика амбасадорот на Македонија во Софија, во врска со изјава на претседателот Стево Пендаровски поради, како што се наведува, „говор на омраза кон бугарската држава“.
Инаку, Пендаровски неодамна изјави дека „доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да ја натера Бугарија да го промени Уставот за во него да го вклучи македонското малцинство во државата, тој ќе стане член на ВМРО-ДПМНЕ“.