Германците овој пат пресилни за македонските фудбалери

Германија стана првата европска репрезентација која се квалификувала на Светското првенство во фудбал во Катар во 2022, откако на Арената „Тоше Проески“ ја победија со 0:4 Македонија. Со ова се сведуваат нашите шанси за второ место на табелата на многу пониско.

Со оваа победа, тимот на Ханси Флик, го стави во втор план шокантниот 1:2 пораз од Македонија во првиот меч во Дуизбург, и со седум победи во осум меча осигураа билет на Мундијалот. Овој меч исто така беше посебен за Тимо Вернер, кој даде два гола за четири минути за да се оправда за неколкуте промашувања во првиот меч.

Првото полувреме македонските репрезентативци успеваа да се носат со скапите германски фудбалери. Но, во вторите 45 минути, „маншафт“ ја покажа силата. Прво во 50. минута, на совршена контра, ја истрчаа нашата одбрана и Каи Хаверц им донесе водство. Потоа на сцена стапи напаѓачот на Челси, Тимо Вернер, кој во 70. минута постигна прекрасен гол, за само четири минути подоцна да зголеми на 0:3. Џамал Мусијала, новата надеж на германскиот фудбал во 83. минута го претвори убедливиот триумф во вистинска катастрофа за тимот на Благоја Милевски.

Бидејќи Романија со 1:0 ја совлада Ерменија за своја одмазда, сега Романците се во совршена позиција да го обезбедат второто место – до крајот имаат домашен меч со Исланд и гостување кај Лихтенштајн, и со две победи сигурно ќе бидат втори, бидејќи имаат еден поен пред Македонија.

СП 2022 КВАЛИФИКАЦИИ, ГРУПА Ј

Македонија – Германија 0:4

Романија – Ерменија 1:0

Исланд – Лихтенштајн 4:0

Фото: ФФМ

Претходна вестПочнува тестирање на нов лек против коронавирус
Следна вестИтно нека ни ја вратат радиодифузната такса