Од ден во ден речиси да нема институција поврзана со образованието, а која не ја отфрли или не побара да се врати на почеток предложената Нацрт на концепција за основното образование. Забелешките се големи и непремостиви. Вчера, на пример, Филозофскиот факултет (кој е легло од каде започнало македонското образование) соопшти дека нема докази дека интегративниот пристап ќе го зголеми квалитетот на образованието.
-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија од овој факултет.
Од Педагошкиот факултет, исто така вчера, предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.
-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.
Вчера се огласија и професори од Природно-математичкиот факултет кои ги држат предметите Методика. Јасно и порачаа на министерката Царовска дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.
Сето ова се реакции само во еден ден, а претходно реагираа и од Институт за национална историја:
-Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, Концептот треба да се повлече, побараа историчарите.
И од највисоката научна институција во земјава – МАНУ дојде предупредување.
– Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во соопштението на акдемците.
Реагираа и академците од Лингвистичко одделение на МАНУ, историчарите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, Македонско географски друштво, здруженија на наставници по физика, хемија, биологија, Институтот за Социологија, Институтот за Педагогија…
Сите нивни реакции укажуваат дека така предложената концепција не може да се надоградува и да се даваат предлози. Така, јавната расправа што ја отвори Министертсвото за образование и која треба да трае до 20 јануари прашање е дали воопшто ќе има некаков одѕив. А тоа значи дека времето залудно ќе се губи. Заради тоа прашање е што сега прави министерката за образование Мила Царовска? Ги чита ли воопшто таа реакциите? Ќе чека ли да помине време до 20 јануари по што ќе тера политика независно од реакциите?
Ете, баш вчера министерката Царовска за медиумите изјави дека е убедена во оправданоста на промените и дека тие ќе донесат квалитет.
Но, едно е што таа мисли, а друго е ставот на сите релевантни институции кој е недвосмислен: Предложената концепција за промени треба да оди на поправен, треба да се стопира.