Ги повика за да се фотографираат или ќе има совети што ќе бидат уважени?

Актиелниот министер за финансии Фатмир Бесими вчера обзнани дека формира советодавен тим кој ќе го советува за економски мерки. Во тимот се најдоа поранешните министри за финансии Зоран Ставрески, Кирил Миновски, Трајко Славевски, Џевдет Хајредини, Таки Фити и Никола Поповски. Од средбата потекна и иницијатива за формирање Совет, како експертско тело, кое ќе биде дел од Скопје економски и финансиски форум (СЕФФ) и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за кои е потребен консензус во општеството. Во официјалното соопштение беше наведено дека останатите поранешни министри, од објективни причини, не присуствувале на средбата, но интенцијата е и тие да бидат дел од Советот.

Ова не е прво собирање на актуелниот со поранешните министри. Бесими и во април годинава, на „Денот на буџетот“, имал заедничка средба со Таки Фити, Џевдет Хајредини, Борис Стојменов, Никола Поповски, Кирил Миноски и Нина Ангеловска. Вакви средби имало и во декември 2019 година кога министерката била Нина Ангеловска која што тогаш ги собра Таки Фити, Џевдет Хајредини, Петар Гошев, Никола Поповски и Кирил Миновски.

Значи, во ресорот за финасии си има убава традиција на заеднички средби на министри што е секако за поздравување. Но, она што е уште поважно е дали од ваквите средби има и ефекти? Односно, дали се тие само протоколарни со цел да се покаже внимание кон поранешните претходници или од тоа има навистина конкретни ефекти? Ги послушува ли актуелниот министер советите кои ги добива?

Би било добро и неопходно од сребите, а сега и од советодавни тимови и Совет кој сега е инициран, да потекнуваат конкретни предлози за економски мерки со оглед на сериозноста на состојбата во која што со години се наоѓаме. А уште подобро би било тие предлози и да се прифаќаат од актуелниот министер и актуелната Влада. Како тоа ќе функционира, со оглед дека во составот на тимот се и поранешните министри од најголемата опозициска партија останува да се види. Опозицијата, најчесто, има сосема спротивни ставови од власта во однос на креирањето на буџетот, на надворешното задолжување, одданочувањето и други клучни економски мерки. За почеток, би било добро да се најде заеднички јазик околу одржувањето на макроекономската стабилност, а потоа, со конструктивност од сите страни, може да се доаѓа до усогласени предлози за подобро на Македонија.

Претходна вестИ Ковачевски како и Заев приоритет ќе дал на економијата…
Следна вестНовогодишна „честитка“: Денеска ќе се знае новата цена на струјата