И Ковачевски како и Заев приоритет ќе дал на економијата…

Економијата во Македонија е во стагнација. Со години. Ама со години политичарите и ветуваат дека ќе му се посветат на економското заздравување на државата.

Еве сега и мандатот за формирање на новата влада на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски го кажува истото: во фокусот ќе биде економијата.

-Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Ќе се насочиме кон ефикасна реализација на капиталните инвестиции и финансиска поддршка на граѓаните во време на економска и енергетска криза. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува, најави деновиве Ковачевски.

Тој вчера најави и дека се работи на подготовка на нова програма која ќе биде фокусирана на економијата и на зголемување на ефикасноста во извршувањето на работите.

Ќе успее ли во намерата? Ваква намера и најава дека владата ќе биде фокусирана на економијата и на подобрување на животниот стандард на граѓаните се изнаслушавме и од неговиот претходник и ментор Зоран Заев. На пример лани по парламентарните избори кога го доби мандатот за формирање на владата, рече:

-Новата влада ќе работи на зголемен економски раст до 2024 година и подобрување на живеачката на граѓаните. Економскиот подобар живот на граѓаните е императив. Во изминатите три години успеавме покрај големите прашања, решавањето на проблемот со Грција, со Бугарија со членството во НАТО, меѓуетничките отворени прашања ги затворивме во државата и имавме искрена надеж дека после се, можеме сите овие придобивки да ги искористиме за подобар стандард, за подигање на плати на граѓаните, истакна Заев.

И?

Значи и тогаш и сега приоритет била економијата. А колку во тоа се успеало го чувствуваат граѓаните. БДП се уште не расте како што се проектира, мала е реализација на капиталните инвестиции, мали се странските инвестиции, просечната плата се уште не стаса до одамна ветените 500 евра, инфлацијата и енергетската криза се закануваат… 

Не е познато, до сега, економија на една земја да се подигне само со ветувања.

Претходна вестВо четврток премиера на „Животот е…“ во МОБ
Следна вестГи повика за да се фотографираат или ќе има совети што ќе бидат уважени?