Човекот кој вооружен упадна на вечерата на Здружението на дописници во Белата куќа е изведен пред федерален суд во Вашингтон и се соочува со три сериозни обвиненија. Обвинителството го товари и за обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, за што му се заканува доживотен затвор.
Дополнително, обвинет е за пренос на огнено оружје преку државни граници со намера за извршување кривично дело и за употреба на оружје при насилен чин.
Осомничениот, 31-годишниот Кол Томас Ален од Калифорнија, засега не се изјаснил за вината и останува во притвор. Рочиштето за притвор е закажано за четврток, а подготвителното судење за 11 мај.
Властите тврдат дека кај него бил пронајден и манифест со планови за напад врз високи функционери, а Белата куќа случајот го оцени како трет сериозен обид за атентат врз Трамп.



