Час поскоро треба да се затвори процесот за укинување на насадената т.н. Пржинска влада, која одамна ја изгуби својата смисла. Наместо да биде гаранција за фер избори, таа се претвори во формалност што го оптоварува системот и ја блокира државата во периодот пред избори. Македонија не смее повеќе да троши време на модели што се наметнати однадвор, а не произлегуваат од домашна потреба и реалност.
Многу поважно е сега вниманието да се насочи кон многу позначајната работа – донесувањето нов изборен закон. Тоа е реформата што директно ќе влијае врз демократијата и довербата во институциите. Тука големите партии имаат обврска да покажат вистинска демократска зрелост, а не да се задоволат со козметички измени.
Потребно е јасно да се слушнат барањата на помалите партии, граѓанските здруженија и голем дел од јавноста. Новиот изборен модел мора да овозможи Македонија да биде една изборна единица, со што ќе се надмине сегашната нерамноправност. Воедно и да нема изборниот цензус или пак ако го има да не биде повисок од 2 отсто.
Само така гласот на секој граѓанин ќе добие вистинска тежина, а парламентот ќе стане реално огледало на волјата на избирачите. Во спротивно, ќе продолжиме да живееме во систем што ги фаворизира големите, а ги маргинализира помалите.
Време е да се направи суштински чекор напред. Демократијата не се гради со половични решенија, туку со храброст да се направат вистинските промени.


