Можат ли препукувањата меѓу скопската и централната власт да го чистат загадениот воздух?

Ветерот кој од вчера почна да дува во скопското го подзачисти загадувањето на воздухот. Но ветерот не може да ги зачисти и кавгите меѓу скопската и централната власт околу причините и мерките за почист воздух во Скопје.

Соопштенија – одговори на соопштенија, обвинувања – контра обвунувања… слушаме секој ден.

Препукувањата кои неодамна ги покрена поранешниот скопски градоначалник Шилегов со ироничниот коментар „Go green“ за покаченото загадување во градот, продолжуваат и денеска кога престана да важи бесплатен јавен градски превоз и други итно воведени мерки. Владеачката партија на централно ниво СДСМ преку соопштение и порача на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека не може да се бори против загадувањето со укинување мерки.

-Градоначалничката смета дека со мерка која траеше само еден ден како што беше бесплатниот автобуски превоз го решила аерозагадувањето во главниот град. Не постои друго логично објаснување зошто Арсовска ги укинува мерките за спречување на загадувањето на воздухот во Скопје, а нема ниту дополнителни мерки, се вели во соопштението од СДСМ.

Од друга страна, Арсовска неодамна му порача на Шилегов дека „се оставил на ветерот како системска мерка“.

 Скопје има највисока ставка на загадување во Европа, а тој да коментира за нешто четири години има можност, остави сѐ на ветерот како системска мерка.

Таа, на вчерашниот брифинг со новинари, рече дека мерките дале резултат, но дека нема дополнителни мерки бидејќи тие се лимитирани. Таа ги повика институциите да реализираат мерки за подобар квалитет на воздухот.

Самите услови налагаат дека централната власт треба посериозно да преземе мерки врзани за она коешто го гледаме сега, а коешто е извесен аларм. Ние нашите препораки ги издадовме, нашите препораки се базираат на тоа коешто е утврдено претходно како план, меѓутоа за дел од нив обврски има и централната власт. Ние не можеме голем дел од работите коишто се внатре во препораките да ги направиме, тоа е обврска на централната власт и таа треба тоа да го направи, треба да ја преземе конечно одговорната за тоа што е носител на власт, потенцира Арсовска.

Очигледно, ваквите препукувања со кои вината се префрлува од една на друга страна не запираат. Прашање е само што од тоа е корисно за скопјани? 

Претходна вестНека учат од грешките: Имињата на улиците мора да се носат со компромис
Следна вестДоктор Пановски бара укинување на вакциналните сертификати