Ги заборавија селата, а полека умираат и малите градови

 Колумна на Габриела Арсова:

Таму некаде, во раните години на демократијата, изборните ветувања не се разликуваа многу од сегашните. Се си беше во духот на: вие гласајте за нас, ние ќе сториме СЕ за вас! Ветувањата со краток рок – до завршување на изборите! До започнувањето на изборниот молк?!

Се уште се прераскажува една анегдота од митинзите по селата… И училишта ќе ви направиме! Ама деца немаме! Само старите сме по селата! Ништо страшно! И ДЕЦА ЌЕ ВИ НАПРАВИМЕ!

„И деца ќе ви направиме“ меѓу народот си остана како синоним на неисполнети ветувања. Деца не се направија, селата безмалку изумреа!  Баш така! А во меѓувреме сурова реалност стана и тивкото умирање на малите градчиња…

Во изборнава кампања силно провејува ветувањето „ќе обезбедиме НОВИ РАБОТНИ МЕСТА за младите“… На што ли конкретно се мисли? Како ќе се обезбедат новите работни места? Со вработувања во општините или во јавните претпријатија? Со стимулирање младите да отвораат свои бизниси? Или можеби ќе се вработуваат во индустриски зони за домашни и странски инвеститори во региони каде веќе нема работна рака, уште помалку соодветно квалификувана? Резултатите од ваквата поддршка се повеќе од очигледни. Уште повеќе неуспешни… можеби е време да  се засили соработката со постоечкиот бизнис секторот?! Но, тоа е друга тема.

Ако идејата за нови работни места за младите е да се задржат младите дома, а сигурно е, не може а да не се постават низа прашање. Во контекст на изборните програми. Што мислите? Дали изградба и реконструкција на водоводи, канализации, улици, дали градбата на училишта или носењето ДУП-ови ќе ги задржат младите дома? Дали мислите дека на младиот свет му е гајле за овие теми? Апсолутно не!

Во време на глобализација, интернет, социјални мрежи, какви ли не понуди ако еден млад човек нема услови за квалитетен живот – зошто би останал? Затоа што му ја асфалтирате улицата? Или зошто ќе има водовод?  Помислете малку…100% не! И тоа си е очигледно.

Би живееле ли вие во место од каде нема автобуска линија да можете да излезете на вечер во градот? Уште повеќе, да немате превоз ниту да отидете на работа, ако ви успеало да најдете? Мислите дека во таков момент кога се чудат како да одат на работа, или да излезат навечер среќни ќе ги направи и ќе ги задржи на домашното огниште фактот дека имаат канализација во селото?! Или реновираното училиште ќе задржи младо семејство во услови кога нема педијатар? Сигурно не! Очевидно! Залудно ќе ги обезбедите работните места. Тие што ќе ги обезбедите. Младите неповратно си одат. Ден за ден. Си заминуваат и цели семејства во потрага за подобра иднина на своите деца…

Драги идни Градоначалници и советници, потрудете се да го задржите народот во своите краеви. Ама нека е искрено. И конкретно! Не дозволувајте да бидете запамтени по:  Деца не Ви направивме, ама и тие што треба да направат ги избркавме! Успешен и плоден мандат!

 

Претходна вестВо среда почнува шестиот Меѓународен филмски фестивал „Киненова„
Следна вестПредизборното фаќање за работа на Шилегов не беше доволно за глас повеќе