Ги знае ли МВР црните сообраќајни точки низ Скопје, што чека?

Да возиш по скопските булевари станува се поопасно. Бројот на сообраќајни незгоди станува се поголем. И за жал има се повеќе тешки последици поради тоа.

На најпрометните булевари во Скопје какви што се „Партизански одреди“, „Борис Трајковски“, „Србија“, „Никола Карев“, „Јане Сандански“… не помага ни тоа што се работи за релативно добри сообраќајници на кои коловозот е јасно одбележан, а има и соодветни сообраќајни знаци и семафори. Пак таму има многу незгоди.

Несовесноста на некои возачи, нивното непридржување на сообраќајните правила и прописи си го зема својот данок. Делови од овие сообраќајници се претворија во најопасни и ризични булевари, вистински „црни точки“, на кои ги демне опасност и возачите и пешаците и велосипедистите.

Вчера, на пример, на булеварот „Србија“ имаше дури две сообраќајни несреќи во кои беа повредени четири лица, а повеќе возила беа тешко оштетени. Едната сообраќајка се случила на крстосницата „кај крстот“ до кулите „Џевахир“, а втората на крстосницата меѓу овој булевар и булеварот „Јане Сандански“ на почетокот на населбата Ново Лисиче. Овие две крстосници, всушност, често се место каде се случуваат сообраќајни незгоди. 

Централниот скопски булевар „Партизански одреди“, пак, е најризичен за пешаците. Кон крајот на минатата година на него беше тешко повреден пешак откако бил удрен со автомобил чиј возач избегал. Најтешката несреќа беше во февруари 2022 година кога на пешачки премин кај „Сити мол“ смртно беше прегазена млада девојка, а неколку години пред тоа девојка била прегазена и на пешачкиот премин кај Градежниот факултет. Тие, но, и другите несреќи доволно кажуваат дека долж овој булевар најризично е поминувањето дури и на обележаните пешачки премини.

Пребрзото возење и непочитување на правилата е присутно и на булеварот „Борис Трајковски“ во скопската општина Кисела Вода. Овој булевар е во редот на најдолгите на подрачјето на градот и поради што, извесно, ги „мотивира“ недисциплинираните возачи да не го почитуваат ограничувањето на брзината на 50 километри на час. И на него се чести судирите на крстосниците на булеварот со помали, но многубројни сервисни улици.

Ништо помалку опасно не е ниту возењето по булеварот „Никола Карев“ на подрачјето на Бит Пазар каде често страдаат пешаците, по булеварот „Александар Македонски“, по „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Илинденска“…

Најмалку десетина сообраќајници имаат „црни точки“ кои се ризични во градот.

Го знаат ли тоа во МВР?

На сите овие места е потребно зголемено полициско присуство. Ама не со сообраќајци седнати во автомобилот или кои си прават муабет додека збеснатите возачи „шибаат“ низ Скопје. За збеснатите возачи не треба апели и не треба да се чека самите да им дојде умот.

Се може да се среди и воведе ред, само треба барем два – три месеци полицијата ревносно да работи на сите „црни точки“. Не кампањски и не по 1 – 2 часа дневно.

Има доволно полиција за да се спроведе поопсежна акција за да се воведе конечно ред и подобри навики во скопскиот сообраќај. Што се чека?

Претходна вест„Фамилија Металковци“, интерактивен концерт и работилница во Филхармонија
Следна вестВо пожарот во Аеродром загина 76-годишник, спречена опасност да се прошири на погорните катови