Неподвижно лице на возраст од 76 години е жртва во пожарот којшто утринава избувна во скопската општина Аеродром. Ова денеска го соопшти МВР кое наведе дека горел стан на улица „Пандил Шишков“.
-Утрово (11.01.2024) околу 6.40 часот во СВР Скопје е добиена пријава за пожар во стан во зграда на ул. „Пандил Шишков“ во Скопје. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а во станот е пронајден починат Г.Б. (76). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Инаку, ширењето на пожарот којшто избувнал во станот на шестиот кат од зградата е спречено благодарение на брзата интервенција на 15 пожарникари и 6 ПП возила.
-Во 6.35 часот имавме пријава за пожар во станбена зграда на ул. „Пандил Шишков“ во Скопје на шести кат и дека во него има неподвижно лице. Пожарот беше веќе во развиена фаза имаше опасност да се крене на погорните катови. Со брзата интервенција спречено е ширењето на другите станови, но за жал во опожарениот стан починато е повозрасно лице, изјави командирот на скопската противпожарна бригада Ѕвонко Томевски.