Европското знаменце многу често се употребува за усвојување на некои закони кои не се директно поврзани со европските практики и европското законодавство. Ова е причината поради која евроамбасадрот Дејвид Гир, како што денеска изјави и самиот, го покренал прашањето за употреба на европското знаменце на петте предлог-закони кои се во собраниска процедура, а кои се поврзани со спроведување на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Тој денес одговарајќи на новинарско прашање дали Европската Унија има механизам да ја спречи Владата која ги турка законите и покрај предупредувањето дека не се за усогласување со европското законодавство, рече дека треба да се знае целта на користењето на европското знаменце.
-Причината поради која го отворив прашањето за употребата на европското знаменце е токму поради тоа што многу често во напите извештаи за земјите укажуваме дека употребата на европското знаменце треба да биде за усвојување закони кои што се директно поврзани со европските практики и со европското законодавство. Реков дека секогаш употребата на европското знаменце треба да се направи по претходна вистинска консултација меѓу сите политички партии кога е во прашање усогласување на некој закон со европската легислатива, што во овој случај не е, потенцира евроамбасадорот Гир.
Тој додаде дека е во постојан контакт и со Владата и со опозицијата и подготвени се да зборуваат на сите теми вклучително и за употребата на европското знаменце за законите за коридорите по најавата од опозицијата дека ќе и ги достави аргументите кои укажуваат дека се работи за злоупотреба.
Со европско знаменце, иако не се работи за усогласување со ЕУ-регулатива, Владата предложи измени на Законот за работните односи, Законот за експропријацијата, Законот за урбанистичкото планирање, Законот за градењето и законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.