Ѓуретановиќ по настапот на ЛОИ: Пред самата трка имав малку трема, моите години го направија своето, ова е големо искуство за мене!

Ова е големо искуство за мене, ќе се прикажам во најдобро светло на следните големи натпреварувања, изјави младиот пливач Никола Ѓуретановиќ по вчерашниот настап на 400 метри слободно на Олимписките игри во Париз.

Со 16 години, Ѓуретановиќ е најмладиот член на македонскиот олимписки тим во Париз и токму тој беше првиот кој излезе на борилиштата, постигнувајќи резултат кој не е на ниво на неговиот личен рекорд.

Тој пливаше во првата квалификациска група и стигна на целта за четири минути, пет секунди и 38 стотинки, речиси три секунди побавно од личниот рекорд. Трката ја заврши со заостанување од 3,79 секунди зад победникот Илијас Ел Фалаки од Мароко. Во генералниот поредок беше последен.

-Пред самата трка имав малку трема, моите години го направија своето. Бев многу возбуден. Сепак, ова е едно големо искуство за мене, секако дека ќе се прикажам во најдобро светло на следните големи натпреварувања, изјави Ѓуретановиќ за сајтот на МОК.

Неговиот тренер Горан Стаменов, пак, рече дека жали што 16-годишниот Никола не се избори со притисокот, ама во исто време верува дека работата, напорот, трудот кој го вложуваат еден ден ќе излезе на виделина.

-Ова не беше наш ден, не беше тоа што се надевавме и очекувавме. Имаме далеку подобар резултат и далеку повеќе можеме. Меѓутоа тоа е спортот, се случуват вакви работи. Криво ми е што ова се случи на Олимпијада, ама притисокот пресуди, Никола има 16 години и тешко се справува. Ние ќе продолжиме да работиме напорно и на сите ќе им покажеме дека ова не е наше ниво. Нашите јавни гласила треба да знаат дека Никола во неговите дисциплини е во топ 5 во Европа. Нашата работа еден ден ќе излезе на виделина, порача Стаменов.

Претходна вестНајмалку 12 мртви во напад од Либан врз село на Голанската висорамнина
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Рејтинг на Спасов прави ПР за СДС темелен на лажни вести и навреди