Го преразгледа ли Комисијата за заразни болести својот предлог за воведување полициски час?

Два дена откако Владата го одби предлогот на Комисијата за заразни болести за ново воведување на полициски час и и порача на Комисијата повторно да го разгледа предлогот, од оваа експертско тело се уште нема најави за нов предлог мерки. До јавноста нема информации дали Комисијата планира да предложи нови мерки или смета дека е доволна одлуката на Владата наместо полициски час од 22 до 05 часот да се применуваат засилените контроли на превентивните мерки против корона вирусот.

Во меѓувреме, во овој дводневен период бројот на новозаболените од корона вирусот се зголеми за 212 лица што е загрижувачки. Уште позагрижувачки е тоа што најголеми жаришта се во скопски урбани општини, што создава опасност од ново брзо ширење на вирусот во ситуација кога превентивните мерки не се почитуваат од страна на дел од граѓаните.

Каков ќе биде ставот на Комисијата останува да се види. За ова сигурно ќе се прават анализи при кои ќе биде важно како ќе се движи бројот на заболените денеска, и во наредниве неколку дена. Но, по неодамнешното одбивање на Владата да воведе полициски час, прашање е што ќе прави Комисијата и нејзините први луѓе доколку и новиот предлог и биде одбиен, а во меѓувреме бројот на заболените пак да почне да расте.