Годинава има 29 новозаболени со ХИВ во Македонија, а починале шест лица

Во Македонија, во текот на 2020 година, до 30 ноември регистрирани се вкупно 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција, а новодијагностицираните припаѓаат на различни возрасни групи од 20 до 69 години. Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи кои имаат сексуални односи со мажи, а четири лица се изјасниле како хетеросексуалци.

Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите. Останатите половина биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство.

Во текот на 2020 година починале вкупно шест пациенти, при што четири лица биле доцна дијагностицирани, а две лица одбиле да се лекуваат.

До овој момент на Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99% од нив примаат антиретровирусна терапија. Само три лица сè уште не почнале да примаат терапија, поради тоа што во тек е спроведувањето на неопходни претходни анализи, средување документи поврзани со здравственото осигурување, или по личен избор на пациентот.

Со програмата за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи скрининг тестови преку граѓанските организации опфатени биле вкупно 1.773 припадници на клучните засегнати популации, лица кои инјектираат дрога, сексуални работници и мажи кои имаат сексуално односи со мажи.

Инаку, денеска се одбележува Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Според Светската здравствена организација, од доцните 90-ти години, светот бележи прогрес, но ХИВ-инфекцијата и натаму останува голем глобален здравствен проблем. И како и многу други глобални здравствени проблеми, дополнителен предизвик претставува пандемијата со Ковид-19.

Претходна вестУбаво, Општина Гази Баба додели 910 таблет компјутери за ученици од ранливи категории
Следна вестПротестна блокада пред Владата: Оваа власт треба да си замине