Убаво, Општина Гази Баба додели 910 таблет компјутери за ученици од ранливи категории

Вкупно 910 таблет компјутери за учениците од социјално ранливите групи од 11 основни училишта за следење на онлајн наставата се доделени денеска од страна на општина Гази Баба.

Градоначалникот Борис Георгиевски денеска изјави дека со овие ИТ уреди секое дете ќе има еднакви можности за следење на наставата.

Обезбедивме таблети за учениците од социјално ранливите групи, како и за децата на повеќедетни семејства. Ви ветувам дека додека сум градоначалник, нема да дозволиме во Гази Баба да има дете без еднакви можности за следење на настава. Сите мои сограѓани се еднакво важни и приоритетни во мојата работа. Благодарам до сите кои се приклучија и со своја донација ја поддржаа оваа иницијатива, рече Георгиевски.

Тој објасни дека акцијата траела два месеца бидејќи се соочиле со физичкиот недостаток на доволен број ИТ уреди на македонскиот пазар.

– Два месеци чекавме од ИТ компаниите да успеат да ги обезбедат потребните количини за да ја исполниме вкупната бројка од 910 таблети, но на крајот, горди сме што не остана ниедно дете без уред, односно без можност да ја следи онлајн наставата, изјави Георгиевски.

Претходна вестВо Скопје казнети 202 возачи, 18 биле без возачка дозвола
Следна вестГодинава има 29 новозаболени со ХИВ во Македонија, а починале шест лица