Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзиниот годишен говор за состојбата на Европската унија денеска изјави дека е потребна визија за успешно проширување, која се заснова на заслуги и која треба да се одвива паралелно со процесот на продлабочување на Европската унија.
Таа рече дека иднината на Украина, Западен Балкан и Молдавија е во ЕУ, a за неа тоа претставува – повик на историјата. Според неа, ЕУ е повторно во ситуација да пишува историја и треба конечно да ја комплетира Европа. Дебатите за проширување или продлабочување на ЕУ, односно за една или повеќе брзини, рече таа треба да се остават настрана бидејќи сега не станува збор за тоа – туку за геополитичката големина на Европската унија. Лајен ги повика земјите членки повторно да размислуваат „големо“, како при големиот бран на проширување пред две децении кој обезбедил подобар живот за милиони европски граѓани.
-Во свет каде што некои се обидуваат да ги пикираат една земја по друга, не можеме да ги занемариме нашите европски сонародници. Во свет каде големината и тежината се важни, комплетирањето на ЕУ е недвосмислено наш стратешки и безбедносен интерес, рече фон дер Лајен.
Таа најави дека извештаите на Европската комисија за владеење на правото, кои сега се прават за земјите членки, ќе бидат направени и за земјите кандидати кои побрзо ќе се усогласат, што ќе овозможи рамноправна позиција во однос на членките и ќе обезбеди поддршка во спроведувањето на реформите.
Членството не се постигнува лесно, истакна Фон дер Лајен и додаде дека е потребно многу работа и добро лидерство.
-Пристапот се заснова на заслуги и Европската комисија секогаш ќе го брани тој принцип, нагласи претседателот на Комисијата.
Таа додаде дека државите кои се кандидати за членство покажале решителност за спроведување на реформите и дека сега е моментот и ЕУ да ја покаже истата решителност и дека треба да размисли како да се подготви за комплетирање на Унијата.
-Мораме да ги надминеме старите, бинарни дебати за проширувањето. Не станува збор за продлабочување или проширување на Унијата. Можеме и мораме да ги постигнеме двете. Секој бран на проширување донесе политичко продлабочување. Добрата вест е дека со секое проширување оние кои велеа дека тоа ќе не направи помалку ефикасни, се покажа дека грешат. Земете ги последните неколку години, рече таа и изрази уверување дека идното проширување мора да биде катализатор за напредок.
Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ може да функционира со повеќе од 30 членки.
-Јас секогаш ќе го поддржувам овој дом – и сите оние кои сакаат да ја реформираат ЕУ за таа да функционира подобро за граѓаните. И, да, тоа значи вклучување преку Европската конвенција и промена на Договорот ако и каде е потребно! Но, не можеме – и не треба – да чекаме промена на Договорот за да продолжи проширувањето. Унија погодна за проширување може да се постигне побрзо. Тоа значи одговарање на практични прашања за тоа како Унијата од над 30 земји ќе функционира во пракса и особено за нашиот капацитет да дејствуваме, изјави Фон дер Лајен.
За таа цел, додаде таа, неопходно е да се погледне како пошироката Унија ќе влијае на секоја нејзина политика и да се работи на ревизија на политиките пред проширувањето за да се види како секоја област ќе се прилагоди на проширената Унија, вклучувајќи ја работата на институциите на ЕУ и иднината на буџетот.
-Европа одговара на историскиот повик. Историјата сега не повикува да работиме за да ја завршиме нашата Унија, рече Фон дер Лајен во нејзиниот годишен говор за состојбата на Европската унија.
Таа, сепак, избегна да ги спомене временските рокови кога ЕУ би можела дополнително да се прошири.
Шарл Мишел, нејзиниот колега од Европскиот совет, на крајот на август излезе со поамбициозен план и рече дека ЕУ треба да биде подготвена за нови членки до 2030 година.