Пратениците на СДСМ и ДУИ вчера повторно решија да постапат државнички. Не дозволија да се руши меѓународниот углед на Македонија и не го прифатија предлогот на опозицијата да се продолжи рокот на важење на пасошите во кои го нема омилениот збор на власта – „северна“.
Одважните народни избраници не слушаа што 650.000 припадници баш на тој народ вриштат – не дозволувајте да останеме во државен притвор. За парламентарното мнозинство поважно беше дали некој странец тивко ќе им рече – мора да сте кооперативни и послушни.
И така, Македонија и денеска е со голем меѓународен углед, а за по дома си остана големото понижување и кршење на правата на една третина од народот. Состојба на ограничено движење и своевиден притвор и денеска е реалност за околу 650.000 македонски граѓани.
И сега што понатаму? Имаат ли решение одважните пратеници?
Зарем само од страна, мирно, со дипломатски пасош во џебот ќе набљудуваат како една третина од населението чекаат со месеци на термини за промена на патната исправа и нема да може да патуваат по работа, ради здравствени проблеми, на одмор…, или ќе најдат спас за крајно лошата ситуација?
Дали ќе дадат некое решение е неизвесно. Засега е извесно само дека пратениците на СДСМ и ДУИ повеќе мислеа како да се испочитува меѓународен договор. Не им е важно што нивни кадри не направија услови за да се сменат личните документи на време. Не, не решија да ги поправат грешките на поранешниот министер Оливер Спасовски. Тие само гледаа во меѓународната светла иднина на Македонија.
Голема благодарност за тоа.
ПС. Инаку, вчера и самата ЕУ не беше категорична и соопшти дека секоја земја-членка сама решава за тоа дали ќе ги признава „спорните“ македонски пасоши или не. И тие видоа какви народни избраници има Македонија, па решија барем нешто да помогнат.