Движењето “За заедничка Македонија” го поддржував јавно, но небулоза е дека сум сакал да прогласам воена состојба, вака сведочел денеска поранешниот претседател Ѓорге Иванов во процесот за упадот и насилството во македонскиот парламент од 27 април 2017 година.
Откако го заврши сведочењето и излезе од судот Иванов во изјавата на новинарите рече дека Судот се интересирал за неговиот став за движењето „За заедничка Македонија“, за опцијата за воена состојба и за информациите што тој тогаш ги поседувал како претседател на државата.
-Кажав дека јавно ги поддржував и ги поддржувам „За заедничка Македонија“. Тоа за воената состојба го покрена еден неделник со напис една недела пред 27 април. Тоа беа шпекулации и небулоза. Воена состојба прогласува Собранието со две третинско мнозинство. Доколку Собранието не може да се состане тоа може да го направи претседателот, но тоа мора да биде потврдено од Парламентот. Ова е школски пример за создавање на воена психоза, рече Иванов.
Поранешниот претседател на државата објасни дека „како тогашен шеф на државата, од ниту една служба немал информации за најава на организиран влез на толпа во Собранието“.
Обвинети во случајот за организација на случувањата од 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие се обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.