Гоце Делчев има среќа, лидерите Заев и Пендаровски имаат Фејсбук профили

Денеска се одбележува 149-тата годишнина од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Државниот врв не го заборави датумот. 

Шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев објавија пригодни пораки преку Фејсбук.

-149 години од раѓањето на македонскиот револуционер и визионер, Гоце Делчев. Еден од темелите на нашата државност и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ, напиша во својата објава претседателот Пендаровски.

Премиерот Заев, пак, потенцира дека Гоце Делчев секогаш повикувал на единство и сплотеност.

-Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, напиша Заев во објавата на ФБ.

Не преку Фејсбук туку со лично присуство на гробот на македонскиот великан беа присутни пониско рангирани функционери на Собранието и Владата кои со полагање на букети цвеќе оддадоа почит на ликот и делото на големиот Гоце Делчев. 

Засега не е познато уште колку државни функционери го одбележаа овој датум на Фејсбук или Твитер. Неодамна имаше едно истражување кое покажа дека нашите функционери се доста активни на социјалните мрежи.

А, времето кога делувал великанот Делчев било сосема друго време. Тогаш лидерите својата борба, почит и учење ја давале на терен – директно таму каде е најпотребно. Уште за време на неговиот живот (роден на 4 февруари 1872) тој бил наречен апостол на револуцијата за ослободување на македонскиот народ. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода од Османлиите тој ја обиколил цела Македонија.

Делчев е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население: „Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и тогаш, тие добороволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.

Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. На 4 мај 1903 година, Гоце Делчев загинал во борба со османлиската војска во селото Баница.

 

 

Претходна вестЗа аферата со возачки дозволи ќе одговараат и тие што ги издавале и тие што ги добиле
Следна вестНе помагаат ни казни: 306 фирми досега зеле субвенции, а не им дале плати на работниците