Град Скопје: Утре објавуваме јавен повик за превозниците, дали Мицкоски и Ковачевски имале тајна средба во еден скопски локал?

Јавниот повик за одржување на автобуските линии од кои градот Скопје има потреба – бр. 20 и бр. 22 ќе биде објавен утре и ги повикуваме приватните превозници да се пријават, соопшти денес попладне Градот Скопје. Во соопштението се наведува дека приватните превозници може да аплицираат индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници.

-Единствена разлика е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна, се наведува во информацијата.

Во соопштението воопшто не се спомнува актуелната блокада на приватните превозници на крстосниците во градот.

-Јавниот градски превоз, го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје. Основна заложба на ова градско раководство е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Оттука, градот Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеа да оспособи 130 автобуси од флотата на ЈСП со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година, на 270. На овој начин, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поефтина, сигурна и стандардизирана услуга, се наведува во соопштението.

Во обраќањето испратено од мејл – адресата на Кабинетот на скопската градоначалничка Данела Арсовска се упатуваат и прашања на адресата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Што се однесува на патетиката на ВМРО-ДПМНЕ, пишува во сопштението, ги повикуваме да одговорат на следните прашања:

– Дали Христијан Мицкоски со неговиот директор на штаб Орце Тодоровски, инаку притворен и првообвинет во случајот „Делчевски Ниви“, договараа набавка на 150 автобуси од Унгарија?

– Дали Христијан Мицкоски и неговиот актуелен шеф на штаб, Ивица Томовски, преку негови фирми е единствен подобен за одржувањето и чистењето во општините, училиштата и претпријатијата каде ВМРО-ДПМНЕ е власт?

– Дали Христијан Мицкоски заедно со Ковачевски имал тајна средба во еден скопски локал?

– Дали е точно дека Христијан Мицкоски, Александар Николоски, заедно со Зоран Заев и Венко Филипче пред два месеци имале заеднички ручек во ресторан во Малешевијата каде се зборувало за уставните измени?

– Дали е точно дека Христијан Мицкоски има истрага во ОЈОГОКК за криминал со хидроцентрали кој се држи во фиока?

– Дали е точно дека брат на член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, сопственик на фирмата „Моби Саунд“ е единствен организатор на манифестации во општините каде власт е ВМРО-ДПМНЕ?

– Дали е точно дека Игор Јанушев, другар на Христијан Мицкоски и актуелен пратеник, како директор на ЈСП склучил штетен, речиси криминален договор со фирмата „Маратон“ за рекламирање на автобусите на ЈСП, и дали е точно дека од овој бизнис се делат и провизии?

Што се однесува на вицепремиерот во владата на СДСМ Фатмир Битиќи, додаваат од Градот Скопје, пред да зборува за некаква неподготвеност на Градот, прво да одговори на следните прашања:

– До каде е автопатот кон Охрид?

– До каде е автопатот кон границата со Бугарија?

– До каде е Клиничкиот центар?

– До каде се инвестициите од Гугл и Фејсбук?

– До каде е инфлацијата?, се наведува во соопштението на Градот Скопје.

 

Претходна вестРастат тензиите на Косово, пет детонации во Косовска Митровица
Следна вестВладата ќе ѝ донира ветровки, џемпери и ќебиња на Украина