Градоначалничката Арсовска уште еднаш да прошета по аеродромската улица „Васко Карангелески“ 

Конечно по речиси двеиполгодишна реконструкција се гледа новиот лик на улицата „Васко Карангелески“ во општина Аеродром. Градот Скопје вчера објави дека е завршена реконструкцијата, а градоначалничка Данела Арсовска ја обиколи сообраќајницата и изјави дека со неа се добива ново сообраќајно поврзување помеѓу булеварите „АСНОМ“, „Јане Сандански“ и „Трета македонска бригада“.

-Со тоа значително ќе се намали сообраќајниот метеж со кој беа секојдневно соочени жителите на Аеродром. Ваквите сообраќајни решенија покрај својата основна функционалност ја зголемуваат безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, истакна градоначалничката Арсовска.

Таа се пофали дека со пресадување со специјална машина се сочувани околу 100 дрвја, а се засадени и нови.

-Деновиве во рамките на есенската акција по должината на улицата се засадени 825 нови садници, наведе градоначалничката Арсовска.

Убаво е сето тоа, ама…

Граѓани на социјалните мрежи веќе почнаа да укажуваат дека на реконструираната сообраќајница постојат најмлаку две опасни места: крстосницата кај основното училиште „Љубен Лапе“ и крстосницата со улицата „23 октомври“ , поранешна „Владимир Комаров“.

-На раскрсниоцата кај училиштетот нема ни семафори, ниту било каков знак со кој се регулира сообраќајот. Решение, кое најверојатно било замислено како кружен тек, ама низ сите промени кои најверојатно настанале во меѓувреме, роден е “Франкенштајн” проект кој претставува потенцијална „црна точка“ ризик за сите основци кои посетуваат настава во „Љубен Лапе”. Ставете се во улога на дете, кое секој ден мора да ја минува оваа раскрсница најмалку два пати, предупреди Марјан Лазаревски, жител на Аеродром на својот Фејсбук – профил.

Други жители на населбата реагираат на непрегледност на другата крстоснива, оддалечена само околу 200 метри. Непрегледна е откако градските власти густо насадија дрвореди кои уште сега прават проблеми на возачите при излегувањето на крстосницата.

-Прегледност на се добива само ако длабоко навлезете во неа, а, тоа може да биде тоа опасно. Тој потег хортикултурно може да се разубави само со ниски цвеќиња или грмушки, ни вели еден аеродромец кого го сретнавме на самата крстосница.

На сето ова треба да се реагира. Работите може лесно да се поправат – доправат, за да оваа нова сообраќајница навистина стане корисна и безбедна како што најави градоначалничката.  

Претходна вестИзраелската армија: Освоивме важно упориште на Хамас и Исламски џихад
Следна вестДСЗИ: Затворени се магацин и две училишни куjни, контролата продолжува