Само неколку дена општина Карпош има нов градоначалник, а веќе пристигнуваат потврди дека се менува начинот на работење во овој дел од Скопје. Впрочем тоа и го најавуваше градоначалникот Стевчо Јакимовски уште во изборната кампања.
-Ќе воведам ред каков што имаше кога претходно бев градоначалник на Карпош, потенцираше пред изборите Јакимовски.
И еве, денеска тој лично реагира по пријава на граѓани за „диво“ копање на улицата Букурешка. Самиот излегол на терен за лично да се запознае со ситуацијата и од одговорното лице на фирмата што го затекнал на лице место побарал дозвола за прекопување на улицата. Му било одговорено дека наводно имал одобрение од секторот за урбанизам, но не му бил покажан документ.
-Наредив веднаш да прекинат активностите на улицата и да се направи записник. По настанот веднаш ја повикав раководителката на секторот Наташа Ивановска која потврди дека фирмата немала дозвола за сечење на улицата. Сакам да им порачам на граѓаните, но и на фирмите кои извршуваат било какви активности на улиците во Општина Карпош дека нема да дозволиме заобиколување и непочитување на законите и процедурите за работа. Нема да дозволиме на диво да се прекопуваат нови улици, а граѓаните да газат по кал и да ги оштетуваат возилата по раскопани сообраќајници заради лични интереси на поединци, напиша на Фејсбук новиот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.