Градоначалникот на Градско ја разреши директорката, се чека и на одговорноста на другите за насилството врз ученик

Градоначалникот на општина Градско Киро Нацков ја разрешил директорката на општинското основното училиште „Даме Груев“ кадешто се вршело насилството врз еден ученик.

Нацков оваа информација ја објави на Фејсбук и дополнително апелира сите засегнати институции да преземат одговорност. Според него, иако е пријавено во МВР и Центарот за социјални работи, сепак се уште нема никаква реакција по однос на овој случај.

-Во рамки на моите надлежности веднаш соопштувам дека во рамките на училиштето ја разрешувам директорката на ООУ „Даме Груев“. Веднаш потоа сакам да апелирам до МВР, Центар за социјални работи, Државен инспекторат за образование и сите надлежни да го испитаат детално случајот и онаму каде треба да се помогне, а онаму каде треба да се сноси одговорност. Уште еднаш апелирам дека иднината на нашите ученици и деца е најважна и мораме да бидеме сите со високо ниво на свест. Ова не смее уште еднаш да се повтори, напиша Нацков.

Случајот излезе во јавноста деновиве откако родител на ученикот се пожали дека двајца деветтодделенци, во ООУ„Даме Груев“ во Градско, во два наврати, му искинале долен веш на соученик во соблекувалната за физичко образование. Првпат тоа се случило на четврти а вторпат на 11 ноември, кога ученикот се вратил дома освен со искинат долен веш и со гребнатини на телото.

Претходна вестСончево со умерена облачност и утринска магла по котлините
Следна вестЌе извлечат ли градските власти поука дека асфалтот не се гребе во секој период?