Загрижувачкиот тренд во однос на бројот на починати и новозаболени лица од корона вирусот во Македонија се потврди и во последната неделна анализа на Институтот за јавно здравје. Од неа се гледа дека во периодот од 14 до 20 септември во земјава починале 48 лица од корона вирусот, што е за 21 лице повеќе отколку во претходниот седумдмевен период од 7-13 септември кога 27 лица ја загубиле битката со вирусот.
– Во однос на возраста, 32 лица биле над 60 години, 8 на возраст од 50-59, 4 од 40-49 години, 3 од 20-29 и еден случај од 30-39 години. Од починатите 42 лица биле хоспитализирани, а коморбидитети се регистрирани кај 35 од починатите лица, се наведува во седумдневната анализа на Институтот.
Зголемен е и бројот на новооткриени заразени лица од Ковид – 19.
Она што дополнително загрижува е дека податоците од изминативе денови најавуваат дека бројот на починатите и на заразените ќе биде голем и во оваа недела. Само вчера починаа пет пациенти, а имаше 183 новозаразени лица. Завчера пак, имаше исто пет починати и 88 новозаразени… Според извештајот на Институтот за јавно здравје, регистрирани се вкупно 951 позитивни случаи од 29 градови во државата што претставува зголемување од 34,9 проценти во однос на минатата недела
Ваквите трендови се повеќе ги загрижуваат и граѓаните кои на социјални мрежи ги кометираат податоците кои ги објавува министерот за здравство Венко Филипче.
– Зошто имаме толку висока смртност во државата од корона. Се лечат ли пациентите или се оставени сами на себе. Најлесно ви е да кажете имаше дијабет, висок притисок, гојазност, епилепсија итн. Значи секој втор во ова држава страда од некоја болест и сега треба половина народ да изумре оти страдал од некоја болест. Успех е да ги излечите и тешките пациенти, а не само тие што се здрави и имаат јак имунитет, порача на министерот граѓанката Ивана М.
Друга граѓанка, Сунчица Т. постави следна дилема:
-Еве сега нема притисок врз здравствен систем па секој ден десетина починати!.
За големата смртност од вирусот министерот Филипче пред некој ден истакна:
-Вирисот е многу непредвидлив. Нема фактор кој укажува во која насока ќе се развива вирусот. Никој до сега не се соочил со ваква болест. Протоколите се идентични, најтешки пациенти се праќаат во Скопје. Пратиме препораки кои излегуваат во меѓувреме, внимателни сме во нивна примена. За смртноста на пациентите дозволете да заврши анализата па да излеземе со податоци, рече Филипче.
Граѓаните пак, се загрижени и околу најавите за задолжително носење на маски во случај и натаму да се зголемува бројот на инфицираните.
-Кога маската се носи подолг период во организмот се враќа карбон диоксидот и ги враќаме сите бактери и вируси во организмот и имунитетот опаѓа.., предупреди во коментарот Живко М.
Очигледно, граѓаните се загрижени и за состојбата и за она што се најавува како мерка. Надлежните тоа треба да го земат предвид.