Купувањето на стан за просечен македонски граѓанин одамна стана тешка операција. Една од главните причини е цената на квадратот. Превисока е, а и постојано оди нагоре: 1.400, 1.800, 2.000евра… се цените за квадратен метар во Скопје, ама и Охрид не се дава.
Неодамна беше објавено дека Македонија е меѓу првите пет земји во светот по поскапувањето на становите, зад Србија, Русија, Турција… Зошто е така?
Па, Македонија не е меѓу првите пет во светот по висок стандард, ниту пак по атрактивност на локација, ниту пак само кај нас се покачија цените на градежните материјали, ниту се покачија даноците толку многу, ниту пак имаме демографски бум – напротив, ниту…
Ама, цените отидоа до небо. А, на пример во Германија почна обратен процес. Имено, на почетокот на 2023 година, станбените недвижности во Германија поевтинија најмногу од 2000 година. Во првиот квартал цените паднале во просек за 6,8 отсто во однос на истиот квартал од претходната година, објави тамошното Федерално биро за статистика.
Градежниците имаат свое објаснување за високите цени – претходно во некои општини имало забрани за градење па се создала голема побарувачка која ја крева цената, имало криза со градежните материјали кои поскапеле, граѓаните се повеќе се ориентираат кон купувањето на недвижности…
Но, сега се чини како да се намали побарувачката на станови. Многумина чекаат цените да паднат, како што паѓаат во многу држави.
-Очекувам пад на цените на становите оти беа нереално превисоки. Плус, поскапеа и кредитите, па ќе нема многу купувачи и тоа ќе ги опамети продавачите, ни вели еден скопјанец.
Инаку, во Скопје има многу станови кои стојат празни. Последниот попис на населението покажа дека во Македонија има дури 307.187 празни станови кои имаат свој сопственик, но во нив не се живее.
Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека во земјава се интензивира изградбата на становите. Само во април во Македонија била предвидена изградба на 835 станови, од кои во Скопје 403. Тоа значи дека понудата на становите се зголемува.
До сега, нашите градежни босови еднаш зголемената цена никогаш значително не ја враќаат надолу. Дали ќе биде и понатаму така?