Калдрмата којашто сега се вади при реконструкцијата на улицата „Столтенбергова“ кај Градскиот стадион во Скопје на улицата треба да остане и натаму и да не се заменува со асфалтот. Ваков апел и барање упати денеска граѓанската иницијатива „На Точак“ во која членуваат бројни велосипедисти во градот.
Во обраќањето до општина Центар тие наведуваат дека нема пример во светот каде се менува историска калдрма во централно градско подрачје со изговор: зголемување на безбедноста?!?!
-Ние можеме да наведеме и конкретни локации, и извадоци од правилници каде се прави обратното: асфалтот се менува со поплочување, со калдрма, со тули, со плочки за да им укаже на возачите дека треба да успорат, дека просторот не е само нивен! Ова е една од главните мерки за безбедноста која се применува во Холандија, во Данска, во Лондон, во Лисабон, Париз, Осло… Улиците кои не се главни сообраќајници имаат поинаков третман и поинаква обработка со материјали! После средувањето на долните слоеви, да се врати и преуреди гранитната коцка! Таа помага во регулирање на брзината на возилата, впива повеќе атмосферски води од асфалтот и му дава шмек на просторот!, наведуваат од „На Точак“.
Оттаму додаваат дека покрај враќањето на коцката треба да се размисли и за дополнителни начини на смирување на сообраќајот.
-Ова е простор каде сообраќајот не треба да се одвива со голема брзина, и предност треба да имаат луѓето и безбедноста, наведуваат од иницијативата.
Општински градоначалник на Центар Горан Герасимовски на почетокот на реконструкцијата, којашто се прави заедно со Градот Скопје, изјави дека калдрмата ќе биде сменета со асфалтот бидејќи е „оштетена и дотраена“.