Грижата за отпадот е грижата за државата

Треба да се излезе од удобната зона, да бидеме креативни како да создаваме помалку отпад и да размислуваме што ѝ правиме на нашата животна околина во нашата држава со секое наше однесување, беше потенцирано на дебатата „Светла иднина“ посветена на тоа како се справуваме со отпадот, што беше организирана во резиденцијата на ЕУ во Скопје.

Дебатата, чиј директен повод е изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“ инспирирана токму од начелата на Зелениот договор, е прва од планираната пролетна  серија во организација на Делегацијата на ЕУ, во соработка со галеријата „Акантус“. Се слушнаа мислењата на чченици, професори, уметници, експерти за животна околина, екоактивисти… Прво дело од кое се инспирираа за дискусија беше „Светла иднина“ на уметникот Ајваз Озбек, дел од самата изложба. Преку делото, изработено од отпадно железо, уметникот ги претстави четирите страни на светот, сите споени во форма на светилка, навестувајќи ја нашата огромна потреба од енергија.

Домаќинот на настанот, Пол Бускот, истакна дека токму преку уметноста ќе бидат водени дискусиите зашто „таа е гласот на срцето, на душата.“

– Овде сме да упатиме пораки за работи што можат да бидат направени за оваа земја да биде подобро место за живеење, рече Бускот.

Модератор Мила Јовановска, од организацијата „Биди зелен“, нагласи дека е многу важно отворено да се зборува за проблемите..

– Отпадот многу придонесува за загадувањето на животната средина и за климатските промени. Секој од нас може да биде добар пример и да шири еколошката свест, истакна таа.

На младите им пречи што нема доволно јавна свест, сакаат повеќе да се зборува и дејствува на оваа тема во образованието. Гимназијалци од скопската гимназија „Панче Арсовски“ порачаа дека сакаат повеќе да се обрнува внимание на екологијата во образовниот процес, преку реални проекти и практики, а не само теоретски.

– Јас сум од Петровец и кај нас нема такви контејнери. И нема како да се рециклира, а сакам да го правам тоа. Јас неодамна научив дека постојат машини за пластични шишиња кои потоа ти даваат пари или некоја друга награда. Тоа треба и кај нас да се примени, рече еден од средношколците.

Низ интересни примери, Виктор Христов, експерт за цврст отпад, им објасни на младите различни аспекти од справувањето со отпадот.

– Отпадот е вид цивилизациска вредност. Затоа што кога ќе видиме како во некои земји добро се справуваат со отпадот, знаеме да кажеме: „Овие се поцивилизирани од нас.“ Доколку влезете кај некого дома, ако не е чисто, мислите дека не е добар домаќин. Во 20 години сум работел во над 30 земји во светот. Законите секаде се релативно добри. За жал, кај нас примената законите е многу бавна – вели Христов.

Промените треба да дојдат од вас, младите, а ние, возрасните, треба да се трудиме да создадеме услови за тоа, им порача на младите Филип Ивановски од „Пакомак“.

– Инфраструктурата полека ја градиме, знаеме дека не е доволно, но мора да ја смениме перцепцијата за нашата околина. Совеста треба да нè натера да го бараме соодветниот  контејнер каде да го одлагаме отпадот. Акт на најголема љубов кон државата е да се грижите за вашата околина, заклучи Ивановски.

Претходна вестПолитиката не треба да го лекува судството – само треба да се тргне настрана
Следна вестДоговорен хуманитарен коридор за излез од Мариупол