Грковска: Играњето фудбал во канцеларии не е начин на кој функционерите треба да се однесуваат

Играње на фудбал во канцеларии на министрите не е начин на којшто функционерите треба да се однесуваат, смета Славица Грковска, вицепремиерката за политики за добро владеење.

На денешното одбележување на 20-годишнината од првиот приватен универзитет во Македонија Американски универзитет на Европа – ФОН, таа беше запрашана за коментар за играњето на фудбал во службената канцеларија на вицепремиерот Артан Груби.

-Тоа не беше добро прифатено од јавноста. Не сметам дека е начин на кој што функционерите треба да се однесуваат. Функционерите треба да бидат внимателни. Треба да се има малку повеќе сензибилитет за тоа како функционерите треба да се однесуваат и каква слика даваат пред граѓаните, рече Грковска.

Таа додаде дека  врз основа на документација од ДКСК изрекла опомени за Артан Груби, а и за Бујар Османи и Насер Нуредини поради користење службени возила за партиски цели.

-Не е во ред да се повторува истата работа за која претходно сте биле опоменати, вели Грковска.

Одговарајќи на прашање, таа истакна дека се надева дека со деталите за судирот на интереси за фирмата на братот на Груби која добила финансиски средства од Владата, ДКСК ќе покрене постапка.

Претходна вестЃоковиќ не е повеќе на врвот на АТП листата, тронот го презеде Карлос Алкараз
Следна вестПорака по повод Светскиот ден на детските театри: Должни сме да го однесеме театарот до секое дете, во секој град и село