Измислици и конструкции од една партиска куина се објавите во некои портали дека сум поврзан со формирањето на партијата на Данела Арсовска, објави синоќа поранешниот премиер Никола Груевски. Во објавата на негиовиот профил на Фејсбук тој реагира на написите во кои се наведува дека Драган Митковски, соработник на Арсовска, е близок и со Груевски. Медиумите вчера објавија дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, почнува да собира потписи за формирање политичка партија. Неофицијално, партијата ќе го носи името „Правда“, а седиштето ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров. Оваа адреса, според податоци од Централен регистар, е на местото каде што се наоѓаат фирми на нејзиниот соработник Драган Митковски. Дел од медиумите објавија дека Митковски бил близок до поранешниот премиер и екс-претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Поранешниот премиер во објавата наведува дека Митковски никогаш не му бил советник.
-Драги Митковски никогаш не ми бил ниту формален, ниту неформален советник, поточно никогаш не сум побарал, ниту добил совет од него. Информацијата за собирањето потписи за партијата на Данела Арсовска ја добив од медиумите и немам никаква комуникација, поврзаност или соработка со било кој од двајцата. Ова е демант на објавите на некои портали од кој видливо е дека имаат намера да направат конструкција очигледно излезена од една партиска кујна, наведе Груевски.
Тој објасни дека со Драги Митковски живеел во исто маало како дете од негова седма до некаде околу петнаесет годишна возраст, по што околу две децении немал ни случајна средба со него.
-Потоа неколку пати се сретнавме на годишен собир на некогашни деца од тоа исто маало, повеќето одамна иселени од таму, каде што секој со секого разговара и се фотографира и од каде имаме заеднички фотографии, и во неколку други случајни или спортски настани. Со Данела Арсовска како што еднаш објавив сум имал отприлика 6-7 службени средби во време кога таа беше претседател на ССК, а јас премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од тогаш, ниту имам комуникација со неа, ниту било каква соработка или поврзаност со политичките активности и планови на Данела Арсовска и Драги Митковски, ниту пак тие се обиделе да побараат нешто такво, наведе Груевски.
Тој демантира и дека во Будмпешта се сретнал со Артан Груби или со Максим Димитриевски.
-Артан Груби последен пат го сретнав во штабот ма ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на 2017 година во придружба на Али Ахмети. Максим Димитриевски кој мислам дека е еден од неколкумина кои во изминатите денови добија од ист центар насока деновиве да измислуваат мои наводни средби, не се сеќавам дека било кога во животот сум го сретнал. На политичките партии кои контролираат одредени портали и имаат некаква моќ им советувам да ги концентрираат напорите, времето и енергијата во продуктивни и општо корисни цели, заради кои и постојат и имаат некаква смисла, наместо во интриги, заговори и бесмислено трошење на времето на активности од ваков тип, нагласи поранешниот премиер.