Груевски: Не сум се сретнал со луѓе од СДСМ, со многу политики на ВМРО-ДПМНЕ не се согласувам

Не е можно јас да направам оска против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е пропаганда, слоган кој го смислиле. Оска против ВМРО-ДПМНЕ не може да создаде човек кој 15 години беше на чело на партијата, а 11 години ја водеше државата и ја одржуваше таа партија на власт, изјави синоќа Никола Груевски, поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и екс-премиер. Тој гостуваше во емисија на порталот „Инфомакс“, што е прво негово интервју за некој медиум по неговото бегство во Унгарија во 2018-та година.

Поранешниот премиер демантираше дека имал било какви средби со претставници на власта и дека е „во игра“ со актуелниот и со поранешниот премиер Димитар Ковачевски и со Зоран заев. Груевски не ја исклучува можноста да постои договор меѓу Мицкоски и Заев за негово оцрнување. Тој тврди дека немал никаква комуникација со Мицкоски откако тој станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Прилично сум незадоволен за многу работи, но штедам зборови, внимавам што зборувам. Јас до 19 септември еден збор немам кажано против ВМРО-ДПМНЕ, иако со многу нивни политики не се согласував и сега не се согласувам, за да не направам штета. Јас толку работи можам да му одговорам на Александар Николоски или на Христијан Мицкоски да не знаат што ги снашло, ама таа партија не е нивна, таа партија, барем јас кога бев, е на 181.000 и нешто членови. Се трудам да се воздржам за глупостите што поединци ги прават, рече Груевски.

Тој додаде дека граѓаните се незадоволни од актуелните политичари на власт.

-Овие од власта се тешка катастрофа и го охрабрувам ВМРО-ДПМНЕ да направи чекори, чекање една година за избори е многу, ќе останеме без народ, економијата е многу лоша, рече поранешниот премиер.

Груевски категорично рече дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да го менува ставот за уставните промени.

Претходна вестПараходот на Никола Бадев вечно ќе плови воздигнувајќи ја македонската музика
Следна вестМасовно напуштање на Нагорно-Карабах: Повеќе од 13.500 луѓе влегле во Ерменија