Наама Леви, 19-годишна девојка со далечни корени од Македонија, била киднапирана на 7 октомври при упадот на припадниците на Хамас во Израел а за нејзино ослободување се бара помош и од Еврејската заедница во Македонија. Радиото Гласот на Америка објавува дека информацијата за киднапирањето на Наама Леви ја добиле од Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и која е вклучена во напорите за ослободување на девојката.
-Ми се јави господинот Шаул Леви, кој има корени од Македонија, и побара да помогнеме на кој било начин да се ослободи неговата внука. Таа е активист за мир, но била киднапирана и однесена во Газа. Има докази и видео од нејзе, изјави Друмер за Гласот на Америка.
На социјалните мрежи веќе е објавено и видео од девојката, на кое се гледа дека била малтретирана. Преку видеото се бара помош за нејзино ослободување. Барање за помош е упатено и до Еврејската заедница во Македонија, за да се потврди нејзиното македонско потекло.
Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.
-Но, киднапирана е, има слики дека е жива, но се гледа и дека била силувана. Се бара помош, да се види дали преку тоа што има македонски корени да се направи нешто. На тоа работам сега, изјави професорката Друмер.
Киднапираната девојка Наама Леви била дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија била да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од Америка да станат промотори на мирот.
Според израелските воени институции, во нападот на Хамас на 7 октомври, биле киднапирани 242 Израелци. Од нив до сега четворица биле ослободени, а еден бил спасен.