Херојот Благој Страчковски не предаде никого иако Бугарите жив го закопувале, го сечеле на парчиња…

Македонските херои, борците за слобода, често гинеле или бивале ликвидирани од непријателот на свиреп начин. Многумина иако биле многу измачувани од окупаторите не предавале никого од своите соборци, трпеле страшни болки – подготвени да си ја платат скапата цена за својата посветеност на борбата за слобода на Македонија и на нејзиниот народ.

Таков херој е и Благој Страчковски, партизан, учесник во НОБ, кој е убиен од страна на бугарскиот окупатор на свиреп начин во 1943 година.

Го споменуваме денеска оти херојот е роден на денешен ден пред 104 години, на 29 февруари 1920 година во Велес. Уште во младоста работел најтешки работи – во каменоломот во Превалец, копал лозја, садел тутун, носел малтер… Но, уште тогаш, со околу дваесетина години, стапува во тогашното револуционерно движење, учествува во штрајкови и демонстрации против властите.

По почетокот на Втората светска војна и влегувањето на бугарскиот фашистички окупатор во Велес, Благој е ангажиран на формирање на партизански одред во велешко. По одржан митинг во село Подлес тој бил суден и интерниран во Бугарија, а во септември 1942 успеал да се врати во Македонија и да замине во партизански одред „Димитар Влахов“. Таму станал политички комесар на Втората чета, се истакнувал во борбите на одредот, а по селата каде одредот поминувал, одржувал говори и организирал митинзи на кои го повикувал месното население на општонародно востание и протерување на окупаторот од цела земја.

Во декември 1942, бугарската окупаторска власт презела широки акции за разбивање на одредот. Таква битка била Битката кај Војничка Пештера кадешто одредот се разделил. Благој со група борци требало да тргне кон Скопска Црна Гора, но кај Катланово биле принудени да се вратат во градот. Бидејќи не можеле да воспостават врска со одредот, Благој со уште двајца борци извесно време се криеле во градот. Потоа заминале кон село Росоман кавадаречко кадешто биле забележани. Извлекувајќи се од заседите, Благој и двајцата другари стигнале до село Водоврати. Тука преморени и без муниција Благој и Славе Петков биле фатени и однесени во касарната во Велес каде почнале да ги мачат за да извршат предавство. Благој на прашањата на бугарските окупатори за партизаните возвраќал со молчење. На 13 јануари 1943 година во еден миг Благој само извикал дека победата ќе биде на страната на партизаните. Кога го слушнале ова разбеснетите окупатори Благој жив го закопале, а после го откопале и го исекле на парчиња.

Споменот на ова негово херојство и жртва за Македонија не е заборавен. Тој во 1953 година е прогласен за Народен херој на тогашната Југославија, а во општина Велес секоја година се одржуваат чествувања во негова чест и во спомен на херојството што го покажал

Претходна вестКовачевски од Штип: Целиот македонски исток вечерва праќа порака, напредокот мора да продолжи!
Следна вестВремето денес променливо облачно со повремен дожд