Херојот Христијан Тодоровски удри по фашистите и побара да го нарекуваат Карпош по бестрашниот македонски востаник од 17 век

Кога на почетокот на НОБ во Втората светска војна другарите од партизанскиот одред го прашале храбриот Христијан Тодоровски каков ќе му биде псевдонимот, тој го одбрал Карпош. За кратко време никој повеќе не го знаел како Христијан, туку само Карпош. Младиот партизан Хриситијан, кој на почетокот на војната имаше само 20 години, псевдонимот Карпош го избрал како резултат на восхитот и почитта кон храброста кон Петар Карпош, попознат само како Карпош — предводникот на големото народно востание од 1689 година на македонскиот народ против Османлиското царство, познато во историјата како Карпошово востание во североисточниот дел на Македонија.

Младиот партизан, роден во Куманово на 3 септември 1921 година, се покажал како достоен носител на името на бестрашниот македонски востаник кој беше погубен на Камениот мост во Скопје во декември 1689 година. Кога бил средношколец поради неговите прогресивни идеи, бил избркан од средното училиште и не му било допуштено да се запише во било кое друго средно училиште во тогашното Кралство Југославија. Во 1941 година учествува во прибирање на оружје, растурање на памфлети и дистрибуција на билтенот „Дедо Иван“, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација.

Се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ). Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. Откако одредот бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред (Лесковац, Србија), наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, кој постепено нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.

Секогаш беше спремен за борба и акција, секогаш меѓу првите во преземаните напади и јуриши. Но, во една пресметка со бугарската војска и полиција кај селото Биљача, близу до Куменово, тој загина на 7 февруари 1944 година, пред 80 години.

Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мила мамо, давај ме“ и „Горо ле, горо зелена“. Покрај тоа, Ацо Шопов му посветил две песни од својата стихозбирка „Песни“ од 1944 година: „Карпош“ и „Борбата на Дренак“, а го спомнува и во „Марш на Трета македонска бригада“, напишана исто така во 1944 година.

– Пламен е Карпош – век го не држи,

дружина води – врагој решети,

по гори, поља – на сите страни,

бој крвав бие и народ свети!

Кој не го знае Карпош војвода,

кој не е слушал песни за него –

бучна му Пчиња приказни шуми

бунтовник Козјак спомени чува!, пишува Ацо Шопов во песната „Карпош“.

За народен херој на Југославија беше прогласен на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Кузман Јосифовски – Питу). Исто така, една од општините во Скопје, Општина Карпош, го добила името во негова чест.

Претходна вестАндоновски: Владата лицемерно зборува за ЕУ фронт, а во пракса „измисли“ 56 нови директори
Следна вестВремето денес сончево и натпросечно топло