Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила… Вака на својата мајка и пишувал Христо Узунов, еден од плејадата на големи македонски револуционери на својата мајка Анастасија Узунов која што го воспитала во патриотски дух, откако го родила пред 146 години, на денешен ден 22 февруари 1878 година.
Христо е растен во семејството чија глава, таткото, Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, роднина на Григор Прличев. Образованието го започнал во Охрид, а го продолжил во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1894-1896). Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев. Неговиот брат Ангел во своите „Спомени“ вели: „Христо се вратил од Солун посветен и покрстен од Дамјан Груев, односно дека бил примен за член на Внатрешната македонска револуционерна организација, која веќе била создадена неколку години порано. Во едно кратко писменце до Кирил Прличев, Дамјан Груев го известува дека Христо е веќе „искапен во револуционерниот котел“.
Потоа се враќа да учителствува во Охрид и станува раководител на Организацијата во охридско и струшко. Прогонуван од турската власт, на двапати бил затворен во Битола. На познатиот Солунски конгрес на Организацијата во 1903 година била донесена одлука да се крене востание. Во тој период тој е поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети.
За време на Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон во кој се воделе големи борби. Благодарејќи на него, за илинденското востание се знае многу повеќе, отколку за другите востанички реони. Тој регистрирал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшкиот крај кои загинале во востанието.
За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од селото Куратица, веднаш по трагичниот крај на Илинденското востание, на која им се обратил со зборовите: „Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ, знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене…“ Но, тоа не било прифатено од соборците.
По задушувањето на востанието, тој останува во охридскиот крај и по одредено време минато на Смилевската планина, во декември 1903 година се враќа во својата околија за да ги обнови растурените комитети на Организацијата. Во текот на 1904-1905 година Узунов главно својата активност ја насочил во организирање борба против присутните пропаганди, како и за разрешување на идеолошко-теоретските проблеми со кои се соочувала Организацијата.
Христо Узунов за неуспехот на востанието чувствува голема грижа на совеста и бил многу револтиран од заминувањето на другите членови во Бугарија. Тој, инаку, никогаш не престојувал во Софија, туку останал во татковината каде настојувал борбите да продолжат.
На 24-ти април 1905 година Христо со својата чета од Крушево заминал за Кичевско, но во кичевското село Цер четата била опколена од многуброен турски аскер со артилерија. Бидејќи немале никаква помош, борците биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. За да не им паднат живи в раце на Турците, тој и неговите 13 соборци последните куршуми ги истрелале во себе.
Зад него останало и писмото упатено до сите чесни револуционери, а во кое, покрај другото, напишал:
-Браќа, нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света Организација. Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација….