Херојот Сава Михаилов кога снемал муниција – на Османлиите жив не им се предал

Нерамноправната борба со турската војска кај гевгелиското село Смол пред 119 години, на денешен 1 март во таа 1905 година, траела околу 12 часа. Од 42-ца македонски револуционери се спасиле само ранетиот Апостол војвода и еден негов соборец. По херојскиот отпор, 28 годишниот Сава Михаилов останал на бојното поле.

Херојот, откако видел дека тешко ќе се извлече од обрачот и дека нема повеќе муниција, за да не падне жив во рацете на Османлиската власт, испил отров. На тоа дека се отрул укажува белешката која била напишана лично од него на мало ливче, а која по битката ја пронашле османлиските офицери. Потврда за ова е и сведочењето на селаните од Мачуково, кои при погребот на убиените, на телото на војводата не забележале рани од куршум. Сава Михајлов лежел мртов  со пена на устата…

Вака својот животен и револуционерен пат го завршил Сава Михаилов, популарно наречен Савата, македонски револуционер и војвода, роден во гевгелиското село Мачуково, во декември 1877 година. Загинал херојски, како што гинеле многу тогашни македонски револуционери кои својот живот го посветиле на борбата за ослободување на Македонија.

Уште од најмладите денови, кога имал само 18 години тој станал член на ТМОРО. Претходно, се образувал во родното село, па во Цариград и во Солунската гимназија. По тоа, во учебната 1895/1896 година бил назначен за учител во Кавадарци, потоа една година учителствува во село Ракита, Кајларско, како и во Неготино, Богданци, Гевгелија, Горна Џумаја…

Во своите спомени за овој период Савов ќе вели: „Уште како ученик во Цариград кај мене се роди идејата за независност од Османлиите, но посуштински таа созреа во Солун, каде што имавме ученички кружок и дознавме дека нешто се работи. Знаевме дека Даме Груев, кој беше тогаш во Штип, работи нешто против Османлиите, но дека има некаква организација, не знаевме… Кога заминав во Кавадарци како учител, уште не бев посветен на делото… Од крајот на 1895 година станав член на Организацијата.”

Откако бил посветен на делото, во сите места каде што учителствува, Сава Михајлов ја шири организациската мрежа. Во 1901 година, следен од властите, тој станува илегален и влегува во четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев, со која учествува во аферата Мис Стон. По добивањето на откупот, тој со Сандански и Крсте Асенов се повлекува во Софија, каде останува до 24 јануари 1902 година.

Потоа со чета од десет души во Гевгелиско и се вклучува во припремите за Илинденското востание во кое учествува како како реонски началник во Гевгелиско извршувајќи повеќе вооружени акции заедно со четата на Аргир Манасиев и Иванчо Карасулијата. На почетокот на Востанието, заедно со Аргир Манасиев организираат диверзија на железничкиот мост на Вардар кај Гевгелија, потоа кон крајот на август двете чети водат борба кај Клисура, а на почетокот на есента четата на Сава Михајлов и Кукушката чета води борба кај Башбунар на Пајак Планина.

По Илинденското востание, Сава Михајлов се префрлил во Бугарија. Во 1904 година, тој на Љубомир Милетич му ги пренесува спомените од својата револуционерна дејност. Во овој период Сава дејствувал во Бугарија и Србија, а најмногу во својот роден крај се до 1905 година кога со четата на војводата Апостол Петков Терзиев навлегува во Гевгелиско. Четата била забележана од овчари кои ги известиле турските власти  по што се случил судирот во кој Сава херојски загинува.

Неговото херојство македонскиот народ не го заборавил. За време на НОБ, во Втората светска војна, гевгелискиот партизански одред го носел името на Сава Михајлов.

Претходна вест„Историјата на Охридската Архиепископија“ од Снегаров и четири книги на Зографски првпат достапни на македонски јазик
Следна вестЕУ води 203 истраги во Бугарија за злоупотреби на приближно 900 милиони евра