ХИВ-позитивни и натаму стигматизирани: Им одбиваат здравствена услуга, не им се чуваат податоците…

Се уште е распространета стигмата кон луѓето кои се ХИВ-позитивни, предупреди Здружението „Заедно посилни“ на денешниот Светскиот ден на СИДА.

-Во текот на 2022 година документирани се 4 случаи на одбивање на здравствена услуга на пациенти поради тоа што се ХИВ-позитивни и 3 случаи во кои им била повредена доверливоста на медицинските податоци. Стигмата значително влијае врз квалитетот на живот на луѓето со потврдена ХИВ-инфекција, а истовремено и ги одвраќа другите луѓе да направат ХИВ-тест тогаш кога треба. На овој ден апелираме до одговорните тела и институции да му посветат посебно внимание на овој проблем при санкционирањето на случаи на дискриминација врз основа на ХИВ-статусот, се наведува во соопштението на ова Здружение.

ХИВ-инфекцијата е една од сè уште активните пандемии, но светот бележи значителен напредок во намалувањето на бројот на нови инфекции и бројот на смртни случаи поради СИДА. Денес, 41 година откако беа документирани првите случаи на ХИВ-инфекција. Се проценува дека до крајот на минатата година со ХИВ живееле 38,4 милиони луѓе во светот.

До 2022 година од ХИВ/СИДА во земјава починале 123 лица, а 451 лице живее со ХИВ/СИДА. Во текот на октомври, согласно податоците објавени од Институтот за јавно здравје, регистрирани се пет нови случаи. Сите се пријавени со ХИВ. Регистриран е и еден смртен случај од ХИВ/СИДА.

Македонија, како и другите земји, има преземено меѓународни обврски да инвестира во справувањето со епидемијата на ХИВ, во согласност со Декларацијата за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите нации од 2021 година, како и со Акциските планови на Светската здравствена организација за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции до 2030 година.

-Државата има одговорност да вложи во докажаните мерки што ќе придонесат за намалување на бројот на нови инфекции и конечно ставање крај на оваа епидемија. Мерките вклучуваат: широка достапност на бесплатно ХИВ-тестирање, достапност на можноста за самотестирање за ХИВ, услуги за сексуално здравје ослободени од стигма, обезбедување средства за превенција, како кондоми и лубриканти, предекспозициска профилакса и стерилен прибор за инјектирање, подигнување на свесноста, како и сексуално образование прилагодено на возраста. Во нудењето на овие услуги неизбежно е партнерството со граѓанскиот сектор и организациите на засегнатите заедници, кои може да ги испорачаат овие услуги до луѓето на кои им се неопходни за да се заштитат од ХИВ и од СИДА, потенцираат од „Заедно посилни“.

Претходна вестНешто ОСТАВКИ, ово – оно… за 200-те уверенија или такви грешки не прават?
Следна вестФранција, Аргентина, Полска и Австралија осумфиналисти на СП во Катар, денеска уште четири нови