Потврда за завршена вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, заедно со пополнет ПЛФ формулар и понатаму се задолжителни за влез во Грција, согласно новата министерска одлука на грчката Влада во која актуелните правила се продолжени за уште една седмица, односно до 21 јуни 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Кон Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.
Сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат, а се поврзани со Ковид-19. Првата опција е посетителите целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората опција е со негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред патувањето, во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија и да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Освен двете опции, алтернативно, како што пишува во министерската одлука, посетителите на Грција, може да достават сертификат за прележана болест или позитивен резултат од направен ПЦР или антигенски (брз) тест со валидност од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот и да се поминати 30 дена од првиот позитивен резултат. Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Со оглед на тоа што Грција, веќе го воведе дигиталниот Ковид сертификат, додадена е и оваа можност како алтернатива, односно туристите можат да влезат во земјата со ваков сертификат во дигитална или печатена форма, кој треба да ги содржи податоците во врска со вакцинацијата или резултатот од последната проверка со употреба на брзи антигени тестови или ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар ПЛФ (Пассенгер Лоцатор Форм), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.