По Комитетот на министрите на Советот на Европа денеска и Европскиот парламент ја повика Бугарија да дозволи регистрација на здруженија на македонското малцинство во таа земја. Европарламентот донесе необврзувачка резолуција која беше поттикната од повеќемесечните антивладини протести, на кои се бара оставка од владата и од премиерот Бојко Борисов.
Во Резолуцаијата, меѓудругото, се повикуваат бугарските власти и на спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, при што се наведени и пресудите кои се однесуваат на неможноста на македонското непризнаено малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или политичка партија. Резолуцијата е донесена со 358 гласа „за“, 277 „против“ и 56 воздржани.
Во овој документ се наведени конкретни пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на македонското малцинство: пресудата од 19 јануари 2006 година, Обединета македонска организација „Илинден“ и други (апликација бр. 59491/00); пресуда од 18 октомври 2011 година, Обединетата македонска организација „Илинден“ и други (бр. 2) (апликација бр. 34960/04); пресуда од 11 јануари 2018 година, Обединета македонска организација „Илинден“ и други (бр. 3) (апликација бр. 29496/16); пресуда од 11 јануари 2018 година, Јордан Иванов и други (апликација бр. 70502/13).
Притоа се бара од бугарските власти да ги осудат сите акти на насилство и говорот на омраза против малцинствата.
Инаку, во Резолуцијата се изразува недвосмислена поддршка за бугарскиот народ во своите барања и легитимни аспирации за правда, транспарентност, одговорност и демократија.
-Владеењето на правото значи поделба на власта, но обвинувањата за судска корупција и политички мотивирани гонења се зголемуваат. Владеењето на правото значи слобода на медиумите, но гледаме дека владата врши сѐ поголемо влијание врз јавните медиуми и прибегнува кон клиентализам кога станува збор за приватни медиуми. Владеењето на правото значи да се залагаме за граѓанските права, но ние сме сведоци на полициско насилство и сузбивање на малцинските права, рече известувачот и предлагачот на резолуцијата Хуан Фернандо Лопез Агилар.