И граѓани и партијци дадоа поддршка на Силјановска – Давкова пред да се каже дека таа е кандидат за претседателската трка

Наближуваат претседателските избори во Македонија. Полека почна да се добива и одговорот кои ќе бидат кандидатите на најголемите партии. Бесплатниот неделник „Македонско Ехо“, пак, (за својот број кој излезе завчера кога имаше неизвесност), тргна да прашува граѓани, а и членови на ВМРО-ДПМНЕ – околу тоа која е најпогодната личност за опозициската партија да го кандира за претседател на државата.

Но, веќе синоќа партијата обзнани дека професорката Гордана Силјановска Давкова, е единствена која доставила кандидатура за претседател на Македонија на јавниот оглас на партијата. Дали ќе има и други кандидати на самата партиска конвенција засега не е познато. Од порано се кажа дека во најголемата опозициска партија го мери рејтингот на три лица за претседателски кандидат.

Сепак, еве, што за весникот, пред да се знаеше кој се ќе се кандидира, велеа граѓани и партиски членови: 

-Опозицијата не треба да биде комотна иако е во очевидна предност пред власта. Пендаровски беше слаб претседател, но тоа не значи дека тие треба да предложат само малку подобар. На Македонија и треба искусна и сериозна личност која треба да поправи многу работи кои ги запушти сегашниот претседател, ни вели скопјанецот Дамјан Јовановски.

Граѓани и конкретно посочуваа:

-На ВМРО-ДПМНЕ и треба профил на кандидат токму каква што е Гордана Силјановска – Давкова: стручна, коректна, внимателна, точна и прецизна, со светски познавања во разни области, државотворна, почит кон законите, најчитана, скромна, смирена, неизбувлива, смета битолчанецот Злате Крстевски.

За Виолета Чивкоска можне е важна нејзината стручност во правната област.

– Професорката Гордана Силјановска најмногу одговара на профилот на претседателскиот кандидат – праведна е, умерена, стручна. Владее со правото, како со домашното така и со меѓународното право. Го знае Уставот од „а“ до „ш“, ни вели ова соговорничка. 

За останатите десетина граѓани со кои по случаен избор комунициравме пред се беше важно ВМРО-ДПМНЕ да го одржи зборот дека нема да попушти пред уцените за смена на Уставот, а кадидатот да го изберат демократски по што на изборите ќе се види дали ја погодиле личноста.

Тогаш прашавме и двајца истакнати членови во ВМРО-ДПМНЕ, која е личноста што треба да биде претседателски кандидат подржан од нивната партија:

Сакам да видам личност што вистински ќе се грижи и ќе ја води Македонија, лидер кој верува во наука и кој достоинствено ќе ја претставува Македонија во светот онака како што оваа прекрасна земја заслужува. Таква личност за мене е професорката Гордана Силјановска, бидејќи таа е докажана, светска научничка која секогаш своите одлуки, постапки и изјави ќе ги темели на цврсти научни факти и методологии, вели пратеничката Велика Стојкова Серафимовска.

Давам поддршка на професорката Силјановска-Давкова како репер за достоинствен претседател на државата. Пред сѐ како човек кој со своето долгогодишно искуство, и живот посветен на младите луѓе сметам дека најдобро може да ги артикулира младинските ставови. Со своето широко знаење и со љубов кон Македонија може да направи вистинска промена на политичката сцена, истакна Сергеј Попов, прв човек на партискиот подмладок.

Останува да се види на конвенцијата (која ќе биде наскоро) каква ќе биде одлуката. Но, се чини дека тргна силната поддршка за професорката Силјановска. По конвенцијата граѓаните на Македонија на избори ќе го кажат конечниот став – кој ќе ја води Македонија во наредниот претседателски мандат.

Претходна вестБајден го нарече Путин луд
Следна вестБојмацалиев: Принципот „прв дојден, прв услужен“ функционираше, сега граѓаните не можат да закажат термин по 7-8 дена