Се буди граѓанската свест против уништувањето на зеленилото во градот. Вчера жителите на Центар, а во најава се креваат оние од Карпош. Реагираат заради неконтролираната урбанизација на нивната населба, па на Фејсбук групата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ најавуваат протест. Револтирани се заради тоа што, зградите покрај бензинската „Окта“ на Партизански одреди – иако сами по себе се пример за наметната урбанизација – сега добиваат покровје врз постоечкото поткровје.
Жителите пишуваат дека реагирале до градоначалникот, но не добиле одговор. Сега ги повикуваат градежните инспектори да излезат на терен, но се надеваат и дека ќе го поттикнат Богоев да го спречи неконтролираното градење.
– Сакаме здрава животна средина за нас и нашите деца и освен права имаме и обврска да ја зачуваме и унапредиме, и должност да реагираме кога тоа право е загрозено.Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, се вели во Фејсбук групата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“.
Градоначалникот Богоев вети многу, а направи речиси ништо за да ја спречи бетонизацијата на Карпош. Вети паркови, а не изгради ниту еден. Па наместо парк покрај Вардар и Лепенец се спрема градежна офанзива над Козле. Ќе никнат нови педесетина згради.