Барањата на независните медицински експерти во Македонија како и на родителите да се укине обврската за носење на заштитни маски од страна на учениците и денеска останаа неприфатени од Комисијата за заразни болести. Укажувањата дека пандемијата стивнува и дека веќе се укинуваат и ковид-сертификати за влез во моловите и за излез од земјава за членовите на Комисијата не беа доволни за да учениците ги ослободат од обврската за која голем дел од родителите тврди дека е штетна за децата.
Според неофицијалните сознанија, причина за ваквата одлука е фактот дека во земјава се уште мал број на граѓаните примиле вакцини. Се смета дека со процентот од 41 отсто на вакцинирано население би било ризично да се укинува обврската за учениците.
Независни медицински експерти Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски веќе подолго време бараат учениците да се ослободат од носењето на маски бидејќи епидемиолошката состојба е подобрена. Со тоа, наведуваат тие во свои ставови, ќе се намалат и лошите здравствени последици од постојаното носење на овие заштитни средства.
Денеска и Министерство за образование соопшти дека тие ќе го прифатат укинување на маските во училиштата ако така препорача Комисијата.
-Кога Комисијата ќе препорача дека учениците не треба да носат заштитни маски во училиштата, МОН тоа ќе го прифати. Јас можам да побарам, но факторот што одлучува е Комисијата. За мене е многу важен фактор скринингот што го реализираше Министерството за здравство со Комисијата за заразни болести, кој ни покажа дека имаме добро почитување на мерките од страна на децата и многу мал број заразени деца, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Од друга страна, Комисијата денеска се занимавала со нов начин на определување на епидемиолошкиот ризик во Македонија. Тој ќе биде класифициран како низок, среден или висок а во зависност од тоа ќе се носат поблаги или постороги превентивни мерки.
Се смета дека на ваков начин според објективни показатели ќе може навремено да се проценува ризикот и да се реагира соодветно во двете насоки, и за олабавување и за заострување на мерките.
До тогаш, маските остануваат на лицата на учениците додека се во училиште.