Градот ни е валкан, ѓубре има несекаде, никогаш не било вака, чистат ли комуналците доволно… Вакви се поплаките кои секојдневно се слушат од скопјани.
Во повеќето ситуации поплаките се оправдани. Навистина може и мора повеќе да запнат оние што се платени за чистењето на Скопје.
Но, мора да се каже дека за критика се и голем дел од самите скопјани. Од каде, на пример, толку многу отпушоци по автобуските постојки, од каде толку многу пластични кесиња насекаде, мрсни хартии за бурек и сендвичи, картонски кутии за пици, лименки, пластични чаши околу клупите и други јавни места…? И сето тоа е во големи количини и секојдневно се „надополнува„. Како да има скопјани што работат на норма за да градот биде нечист.
Епа, Скопје да има и 100.000 комуналци не би постасале да зачистат позади „ударниците“.
А тек ако се погледне дека навика на скопјани им стана кога ќе посакаат да фрлаат околу контејнерите душеци за спиење, ормани, каучи, троседи, двоседи, плакари, дрвенарија, градежен шут по реновирањето… Е, таков пример забележавме и денеска во скопски Аеродром во близина на основното училиште „Љубен Лапе“. На некој не му требала веќе старата гарнитура за седење и си ја исфрлил до контејнерите. Додал и вреќи полни со градежен цврст шут кои лесно може да го оштетат камионот за собирање ѓубре.
Тоа што ваков отпад не собираат комуналците, не го интересирало „граѓанинот“. А немал трпение ни да ги чека периодичните акции за собирање на кабаст отпад што се прават во општината. А немал намера да си плати камион и да ги фрли работите во главната депонија.
Најлесно му било – фрли за да немаша грижа што со отпадот, некој друг ќе го исчисти тоа!? И после ваквите работи, баш скопјани им се перчат на останатите жители на цела Македонија кажувајки им дека се провинција.
А многу е веројатно дека многумина од ваквите како „совесниот аеродромец“ често да ги критикува комуналните служби дека слабо работат, па дури може и фотка ќе стават од неговиот тросед во тревата како доказ дека слабо се чисти.
Како ова да се смени? Културните и одговорни скопјани кои ги има многу не успеваат да наметнат соодветна пракса на однесување за останатите. Може казните се лекот?