Германија е сериозна за евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија, рече германскиот канцелар, Олаф Шолц, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата во Скопје. Како што нагласи тој, ЕУ кон Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполнила сите предуслови за почеток на пристапните преговори.
Германскиот канцелар истакна дека лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.
-Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите, рече Шолц.
Билатералните односи меѓу двете земји ги оцени не само како политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тој воедно потенцира дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција.
Премиерот Ковачевски потенцира оти ова е втора посета на еден германски канцелар, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји.